Побрзо вклучување и работа на апликациите, оптимизација на микрофонот и звукот, како и подобра работа и полнење на батеријата се дел од придобивките за корисниците на Dell Optimizer
Што е Dell Optimizer?
На кратко, овој софтвер со помош на машинското учење ги оптимизира апликациите кои најчесто ги користите и со тоа им овозможува побрзо да работат, ја следи околината и соодветно го прилагодува звукот и микрофонот, а тука е и соодветно прилагоденото полнење на батеријата и останатите прилагодувања поврзани со потрошувачката на енергија кои одговараат на вашиот стил на работа.
Dell Optimizer е софтвер за оптимизација базиран на вештачка интелигенција кој учи и се прилагодува на начинот на работа на корисникот.
Оптимизација на најчесто користените апликации
Dell Optimizer со помош на машинско учење го следи „однесувањето“ на корисникот, односно кои се апликациите кои ги користи, колку често и врз основа на тоа креира листа на најчесто користени апликации со цел да ги оптимизира.
Оптимизирањето на апликациите доведува до тоа да се подобри брзината на стартување, но исто така и подобрување на работата на самата апликација додека е вклучена, како и промената од една во друга апликација.
Корисниците можат да изберат до 5 апликации кои ги сметаат дека им се најважно во работата, иако Dell Optimizer автоматски ги избира овие апликации уште на самиот почеток. Дополнително самата апликација овозможува да се отстрани некоја апликација од листата, како и тоа да се види нивото на оптимизација кое е постигнато за истата.
Машинското учење за оптимизацијата на апликациите зема во предвид неколку работи како што се просторот за податоци и меморијата кои ги користи апликацијата, процесорот, како и тоа колку процеси користи апликацијата.
Интелигентно прилагодување на аудио поставките
Dell Optimizer може да направи посебно прилагодување на звукот и микрофонот зависно од околината во која се наоѓате.
Под прилагодување на звукот се подразбира промена и „играње“ со јачината на звукот, нивото на бучава, промена на тоновите, како и намалувањето на ехо.
Dell Optimizer препознава 4 различни околини, односно услови на работа и тоа, тивка соба, гласна канцеларија, повеќе гласови и студио за снимање. Секој од овие режими прави прилагодување кое соодветно ќе го подобри звукот кој го слуша корисникот, но и на микрофонот за ситуации кога е на конференција.
На пример, режимот за гласна канцеларија го зголемува звукот од звучниците и ја намалува заднинската бучава со цел корисникот подобро да може да биде чуен, додека режимот за тивка соба го подобрува квалитетот на тонот на гласот на корисникот и ги зема во предвид површините кои може да бидат во собата со цел да се намали одбивањето на звукот, односно создавањето на ехо.
Паметно менаџирање на батеријата и потрошувачката на енергија на компјутерот
Иако Dell одамна има своја апликација за менаџирање на енергијата на компјутерот, сепак Dell Optimizer со помош на вештачката интелигенција тоа го носи на тотално ново ниво.
Dell Optimizer константно го следи стилот на користење на компјутерот и со тоа го прилагодува оптимизирањето на батеријата, овозможувајќи нејзино подолго траење.
Уште поважно е што со следењето на навиките на корисникот, Dell Optimizer може да овозможи побрзо полнење на батеријата, па дури и за ситуациите кога тоа е потребно за многу кратко време пред да се излезе.
Начинот на којшто го прави ова Dell Optimizer е преку следење на начинот, времето и брзината на полнење и празнење на батеријата и нејзиното ниво на стабилност, односно колку е стара. Потоа, Dell Optimizer ги групира корисниците во неколку видови на корисници, како на пример, маратонски корисник, напреден корисник или корисник кој го користи лаптопот како замена за десктоп.
Покрај „помош“ при полнењето на батеријата, продолжувањето на нејзиното траење се прави преку паметно одлучување кога да се намали светлината на екранот, да се исклучи заднинското проверување за нови информации од апликациите, намалување на светлото на тастатурата и слично.
Функции зависни од близината на корисникот до компјутерот
Ова е можеби и најинтересната функција од сите на Dell Optimizer, функција која и полесно ќе можете да ја забележите.
Dell Optimizer, користејќи ги сензорите на компјутерот, забележува дали сте во близина на компјутерот и соодветно реагира. Доколку компјутерот е со исклучен екран, за да заштеди енергија, истиот ќе се вклучи со самото приближување на корисникот до него, без потреба од тоа да притисне на тастатурата или да го помести глувчето.
Покрај ова, Dell Optimizer овозможува и заклучување на компјутерот кога корисникот ќе се оддалечи од него, одржување на екранот вклучен доколку корисникот е во близина, без разлика дали го користи компјутерот.
Инсталацијата и користењето на Dell Optimizer е едноставно, истиот ќе дојде прединсталиран при купување или ќе можете да го инсталирате преку апликациите за поддршка како Dell SupportAssist и Dell Command Update.
Дознајте повеќе:
You must be logged in to post a comment.